Почетоците на македонскиот балет се совпаѓаат со отпочнувањето на дејноста на Операта на Македонскиот народен театар, која е организирана на 9 мај 1947 година. За потребите на овој ансамбл се формира група која има задача да настапува во оперскиот репертоар, толкувајќи ги балетските делници.
Одговорноста да го организира ансамблот, педагошко-репетиторската и кореографската дејност ја понесува Георги Македонски. Својата едукација и сценската активност тој ја остварува во Белград, а со решение на директорот на Македонскиот народен театар (МНТ), Коле Чашуле, на 1 јули 1948 година, Македонски е прераспределен на работно место во Операта, за да се формира балетски ансамбл.

Младиот ансамбл, составен од воспитаници на Пионерскиот дом „Карпош“, на сцената на МНТ првпат настапува на 27 јануари 1949 година, во балетскиот фрагмент „Валпургиска ноќ“ од операта Фауст на Ш. Гуно. Потребата од едуциран кадар, подготвен да учествува во реализацијата на првите балетски претстави, ја наметнува идејата за официјализирање на специјализирана едукативна институција. Со декрет на Советот за просвета на Народна Република Македонија во учебната 1948/49 година балетското студио прераснува во Нижо балетско училиште, каде што наставата ја реализираат Георги Македонски, Анализе Асман и Рела Визнер. Истовремено со обуката на првата генерација балетски уметници се одвива и сценската активност, која резултира со подготовка на првата балетска претстава, премиерно прикажана на 30 декември 1949 година. Тоа е четириактниот балет „Бахчисарајска фонтана“, музика на Б. Асафјев, во кореографија на Георги Македонски.

Овој факт, уште од самиот почеток, ги навести остварувањето и триумфот на замислата за поставување на цврсти темели врз кои ќе се гради еден целосен балетски ансамбл  способен за изведување на сиот тогаш и дотогаш познат репертоар во светот. Оваа форма и ден денес е присутна и дејствува како Национален балет при НУ Национална опера и балет.