Ораториумот „Радомировиот псалтир“ op. 47 од Димитрије Бужаровски е изработен врз текстот на ѓаконот Радомир од втората половина на XIII век. Тој се смета за еден од последните старословенски ракописи кои се испишани во старата кирило-методиевска традиција кои потекнуваат од Македонија. Бужаровски користи неколку псалми и оригиналните текстови на Радомир за слободно да го конципира сижето на овој ораториум. Димитрие Бужаровски (1952) е еден од најплодните македонски композитори со над 70 опуси во кои спаѓаат и четири симфонии, три ораториума, седум концерти, две опери и два балета, поголем број на сонати и циклуси на соло песни. Ораториумот „Радомировиот псалтир“ е единственото македонско дело кое било номинирано за најпрестижната светска награда за композиција „Grawemeyer Award“ во 2003 година од американскиот Луизиана тех. универзитет. Псалтирот ќе биде изведен од хорот и оркестарот на Македонската опера и балет, предводени од диригентката Бисера Чадловска. Како солисти ќе настапат сопраните: Славица Петровска – Галиќ, Весна Ѓиновска -Илкова, тенорот Благој Нацоски и басот Владимир Саздовски, сите со впечатлива меѓународна изведувачка кариера. Во изведбата учествува и хорот „Пиколо“ подготвен од Весна Димчевска.