Дел од новините се и музички серијали под мотото “Земјите низ песна”. Овој проект ќе се обиде да им приреди на љубителите на убавата музика незаборавни вечери со песни од одредена земја. Планирани се вечери со италијанска, германска, руска, мароканска, португалска музика, изведени заедно со врвни уметници од нивните земји. Директорот на МОБ Ќазим Асотиќ како атрактивни за публиката ги најави и тематски вечери како “Ноќ со…” на чиј репертоар ќе се најдат преработки од врвни музички поп и рок ѕвезди…

Со премиерна изведба на претставата “Либертанго” – сплет на танго и балет со музика на величествениот композитор Астор Пјацола и во кореографија на Сабрина Боско од Италија, на 18 април стартува годинешната продукција на Македонската опера и балет. Новини и атрактивни настани ќе има и во текот на целата година па така, новиот в.д. директор на МОБ, Ќазим Асотиќ, најави и подигнување на Мајските оперски вечери на повисоко ниво, претстави во целата држава, претставување на традиционална музика од земјите кои имаат свои амбасади во Македонија, програма “Ноќ со”, едукација за ученици, обнова на национални дела со кои МОБ ќе се претстави во странство, гостувања и хорски концерти…
Паралелно со премиерата на “Либертанго”, која се очекува да биде вистински хит, се подготвува и првата оперска премиера за оваа година, претставата “Боеми”, која ќе биде изведена за отворањето на 46. Мајски оперски вечери на 9 мај.

“Горди сме на нашите Мајски оперски вечери и годинава планираме да го испочитуваме големиот автор Пучини по повод 160 години од неговото раѓање. Претставата “Боеми” е во подготовка, а диригент ќе биде Џанлука Мартиненги од Италија. Бидејќи се работи за меѓународна манифестација ќе имаме и гости од странство, па на 22 мај ќе гостува Народно позориште Сараево, со претставата “Змај од Босне”, кое е нивно национално дело”, истакна Асотиќ. Публиката ќе може да ги види и “Тоска”,”Турандот”, “Аида”, како и специјален Балетски гала концерт.

Како последна премиера за годинава е предвидена балетската претстава “Ана Каренина”, чијашто изведба ќе биде во декември.

“Како Офф програма, пак, се обидувам да ги испочитувам и колегите од хорската уметност, за да се прават самостојни хорски концерти на сцената на МОБ, низ државата и во странство и тоа со познати класични оперски арии, национални дела и популарни арии… Уметноста ќе ја доближиме и до најмалите места во Македонија.

После успешниот концерт во Гевгелија насловен “Љубов низ арија ти подарувам” се планира проектот да се одржи на повеќе места низ државата#, додава Асотиќ.

Дел од новините се и музички серијали под мотото “Земјите низ песна”. Овој проект ќе се обиде да им приреди на љубителите на убавата музика незаборавни вечери со песни од одредена земја. Планирани се вечери со италијанска, германска, руска, мароканска, португалска музика, изведени заедно со врвни уметници од нивните земји.

Асотиќ како атрактивни за публиката ги најави и тематски вечери како “Ноќ со…” на чиј репертоар ќе се најдат преработки од врвни музички поп и рок ѕвезди.

“Оваа година, Македонската опера и балет планира да направи и предновогодишен маратон. Во празничните денови уметниците во помали состави ќе изведуваат дела од познати автори во текот на целиот ден. Состави од дуа, триа, квартети, дувачки квинтети, гудачки квинтети, клавиристи, оперски пеачи, балетски играчи ќе бидат распоредени на одредени пунктови низ фоајето со свој настап не подолг од 15 минути. На овој начин сакаме да ја израдуваме нашата долгогодишна и верна публика”, додава меѓу другото Асотиќ. (Д.Т.)

превземено од вечер.прес