Чадловска, која од неодамна е нов в.д. директор на Операта, долго време беше единствена жена – симфониски и оперски диригент во Македонија, а нејзината грациозност и виртуозност на сцена постојано ги воодушевува присутните во салата. Сепак, да се управува со оркестар и се да изгледа совршено пред публиката не е едноставно… “На сцена секогаш се случува нешто кое публиката најчесто не може да го примети. Секако, ние знаеме како да продолжиме што и да се случи во текот на претставата. Едноставно, не смееме да застанеме, тоа е дел од работата, да знаеш да се снајдеш во секаква ситуација. Некогаш, едноставно, ќе се насмееме, ќе си пратиме ишарет и продолжуваме без никој да знае што се случило”, ни откри Чадловска
Долго време бевте единствена жена – симфониски и оперски диригент во Македонија. Какво е чувството, ако се знае дека се работи за професија во која во целиот свет доминираат мажи?
Со оглед на тоа дека веќе не сум единствена, мислам дека можеби го отворив патот на моите помлади колешки. Точно е тоа дека во нашата професија доминираат мажи, но јас најдов начин тоа што сум жена да го искористам во моја полза. Убаво се чувствувам што успешно ја работам работата што ја сакам.
Со оглед на долгогодишното искуство, колку е всушност захтевна професијата диригент и дали имате посебен начин на подготовка, нешто како ритуал пред секој настап?
Професијата е премногу захтевна, исто толку физички колку и ментално. Најнапорни се подготовките пред самата изведба. Начинот на подготовка зависи од делото, од неговиот обем и дали е претходно изведувано или се изведува прв пат. Немам посебен ритуал пред настап, едноставно се подготвувам и почнувам.
Зад вашата богата кариера стојат и два успешни македонски мјузикли, какво беше искуството?
Да се работи на мјузикл е многу различно од она што вообичаено го работам. Прво работев со актери кои никогаш немале контакт со диригент и повеќето се без музичко образование и начинот на работа со диригент требаше да им се приближи на начин разбирлив за нив. Морам да кажам дека и во двата мјузикли одлично си ја завршија работата, научија како се пее во придружба на оркестар и диригент и претставите беа огромен успех. За самите мјузикли можам да кажам дека беа многу различни еден од друг како стил на музика. “Мама миа# бараше сосема поинаков пристап од “Чикаго”. “Чикаго” беше првиот мјузикл и многу покомплициран музички од “Мама миа#. Во секој случај, интересно и забавно.
Вашите настапи се секогаш прецизни, доведени до совршенство, барем таков впечаток добиваме гледајќи ве на сцена. Но дали некогаш се случуваат пехови на сцена и како се справувате со нив?
Секогаш се случува нешто кое публиката најчесто не може да го примети. Секако ние знаеме како да продолжиме што и да се случи во текот на претставата. Едноставно, не смееме да застанеме, тоа е дел од работата, да знаеш да се снајдеш во секаква ситуација. Искуството си го прави своето и најчесто веќе знам во кој момент може да настане проблем, да го предвидам и да обрнам внимание на ситуацијата. Некогаш едноставно ќе се насмееме, ќе си пратиме ишарет и продолжуваме без никој да знае што се случило.
Поради вашата грациозност со која ја движите диригентската палка, вашата става и тоалетата што ја носите, не само машкиот дел од публиката, туку и женскиот, ќе каже дека е вистинско задоволство да ве гледа на сцена. Колку и како надвор од работата внимавате на физичката кондиција и надворешниот изглед?
Приватно не се оптоварувам со мојот изглед освен ако нема некој повод за тоа. Сакам да ми е удобно бидејќи цел ден сум во движење. На изгледот на сцена обрнувам многу внимание бидејќи тука ја гледам можноста да облечам нешто што инаку не би имала каде на друго место. Физичката кондиција ми се одржува сама за време на напорните проби.
Сега сте и уметнички директор на македонската Опера. На што ќе обрнете внимание во новата сезона?
Пред се на обновување на таканаречениот “железен” репертоар на Операта, на сите оние познати претстави кои “пропаѓаат#, кои се истрошени и кои сакаме повторно да ги обновиме и премиерно да ги прикажеме, како што се “Кармен”, “Боеми”… Да ја обновиме нивната костимографија и сценографија. Тука, мислам и на оркестарот, бидејќи е под моја ингеренција.
Колку музиката е навлезена во вашиот приватен живот. Има ли семејството разбирање за вашата професија која, претпоставувам, бара и многу работа и одрекувања со цел се да биде направено како што треба?
Музиката е неизоставен дел од мојот живот. Моето семејство отсекогаш го знаеше тоа и имам голема поддршка. Точно е дека оваа професија бара многу одрекувања, но за сметка на тоа многу ме исполнува. Времето поминато над партитурите се компензира со подолгите летни одмори кога сезоната е во мирување.
За крај, што би им порачале на жените кои ќе решат да се занимаваат со професијата диригент?
Секако, да го следат својот пат и да ги издржат предизвиците кон нивната цел. Темелно да работат и да знаат дека во нашата професија не се успева преку ноќ, искуството е пресудно.
(Д.Т.)