Отварањето на оперската сцена во рамките на Македонскиот народен театар беше очекуван и нужен чин. Сите предуслови за скромното отпочнување на оваа дејност беа на виделина. Со кадри, учесници во музичкиот живот на Скопје и а другите македонски градови, школувани музичари и аматери, беше оформена првата генерација на музичко-сценски работници кои со голема жар и љубов се зафатија во извршувањето на своите задачи. Иницијативата за отварање на првата македонска оперска сцена потекна од Здружението на музичарите на Р. Македонија.
Во развојот на операта при Македонскиот народен театар (МНТ) се издвојуваат четири периоди: 1948-1963 (до земјотресот во Скопје, кога се урива зградата на МНТ), 1964-1983, период на работа во објектот на монтажниот театар; 1983-1992, период поврзан со работата во новиот објект на МНТ, а последен е периодот од осамостојувањето на Република Македонија до денес.
Комлексниот развој на оперската уметност во Македонија датира од 9 мај 1947 година, кога на сцената на Македонскиот народен театар е поставена операта Кавалерија рустикана на Пјетро Маскањи. Иницијатор на овој настан е Здружението на музичките уметници на Македонија, чиј тогашен претседател е Живко Фирфов. Значајни носители на оваа иницијатива и реализација, исто така, се Тодор Скаловски, Стефан Гајдов, Петре Богданов-Кочко и Трајко Прокопиев. Протагонисти на оваа претстава според програмата: диригент Тодор Скаловски; режисер Бранко Поморишац; корепетитор Лилјана Костиќ; хорот го увежбаа: Петре Богданов-Кочко, Тодор Скаловски, Стефан Гајдов; инспициент Стефан Гајдов; суфлер Живко Фирфов; Сантуца – Елисавета Савченко, Данка Фирфова; Лола – Милка Гушевска; Туриду – Петре Богданов-Кочко; Алфио – Стефан Русјаков; Лучија – Ганка Атанасова-Марковиќ; учествуваат Симфонискиот радио-оркестар, Радио-хорот и Студентскиот хор.
По оваа премиерна изведба беа изведени уште 17 во текот на истата година. На 1 јануари 1948 година е донесен Указ на Министерството за образование за формирање на Опера при Македонскиот народен театар. „Кавалерија рустикана“ е прва од серијата на оперски партитури што ќе бидат и се реализирани од колективот на Македонската опера во наредните децении. Оваа форма и ден денес е присутна и дејствува како Национална Опера при Националната установа – Национална опера и балет на Република Северна Македонија.