Балетската претстава „Дон Кихот” беше вистинско уживање за сите сетила. Со подигнувањето на завесата ја почуствувавме позитивната енергија, и сите, од балетските уметници, диригентот, оркестарот до публиката, дишеа во ист ритам. Музиката на Лудвиг Минкус, која изобилува со живописни мелодии и ритмички изненадувања, го претвори театарот во шарен свет, каде што комедијата, романтиката и естетиката се мешаат во совршен балетски колаж.
Она што особено нѐ одушеви е начинот на кој балетскиот ансамбл на сцената ја оживеа целата приказна. Главните солисти, кои го красеа делото со својата техника и харизма, секој момент изгледаа како да уживаат во секое нивно движење. Нивните балетски дијалози, особено во оние комплицирани „pas de deux” моменти, изгледаа како да гледаме заљубен пар кој разменува палави погледи и насмевки, вклопени во ритамот на оркестарот. Секоја пируета делуваше лесно, секој скок природен и без напор. Кога ќе се придружеше целиот ансамбл, имавме чувство како да се наоѓаме на сред живописна шпанска улица, каде што сите играат, пеат и се смеат, едноставно уживајќи во животот.
Визуелно, претставата изгледаше како вистински огномет од бои и облици. Сценографијата е раскошна, но не претерано, доволно за да ни го долови топлото медитеранско подрачје во духот на некои минати времиња. Костимите беа приказна за себе: од раскошни фустани кои се вртат во вртоглаво убави кружни движења, до весело украсени детали кои даваат автентичен белег на фолклорот. Имавме впечаток дека публиката, дури и ако никогаш не била во Шпанија, се почуствува како да е таму, на некој жежок плоштад, каде што страста и хуморот одат рака под рака.
Ова е театарска магија која ги брише границите помеѓу сцената и публиката. Гледачите не се само пасивни набљудувачи, туку стануваат дел од совршено уметничкиот деликт, кој ја допира душата.
А публиката? Публиката се смееше на комичните сцени, воздивнуваше кога ќе се појавеа драматични моменти, а на крајот, грмогласен аплауз и овации кои не престануваа. Имавме чувство дека сите сме сплотени, гледачите и уметниците, дека учествувавме во нешто посебно.Тоа е магијата на балетот, моментите кога ќе почуствувате вистинска радост и благодарност што можете да бидете дел од овој спектакл.
„Дон Кихот” е прикажан како безвременски класик кој не се плаши да ја покаже својата духовита страна, да ја потсети публиката дека уметноста не секогаш може да биде сериозна и одалечена. Напротив, таа може да биде топла, достапна и полна со живот. Нашите гости го напуштија театарот со широки насмевки и сигурни во тоа дека присуствувале на нешто навистина посебно.