- This event has passed.
ОНЛАЈН МОВ 2020
Почитувани пријатели и соработници, љубители на оперската и балетска уметност, почитувани наши редовни посетители на Мајските оперски вечери,
Оваа година ќе ги одбележиме Мајските оперски вечери на еден поинаков начин, со надеж што поскоро да се вратиме на нашата сцена и зад неа. На нашиот официјален YouTube канал, ќе имате можност да проследите 10 наши продукции, 8 оперски и 2 балетски, со кои ќе ги одбележиме Мајските оперски вечери, фестивалот кој е најзначаен за Националната опера и балет.
За распоредот на закажаните дигитални премиери следете ја нашата веб страна www.operabalet.mk, и претплатете се на нашиот официјален јутјуб канал www.youtube.com/user/makoib.
*************************************************************************************************
РАЈМОНДА – АЛЕКСАНДАР ГЛАЗУНОВ
Кореограф: Виктор Јаременко (Украина)
Диригент: Бисера Чадловска
Сценограф: Андреј Злобин (Украина)
Костимограф: Гана Ипатиева (Украина)
Педагог–репетитор: Едина Папо (БиХ)
Репетитори: Тања Вујисиќ Тодоровска, Лора Тарчуговска, Билјана Пашариковска и Горан Божинов
Концерт мајстор: Климент Тодоровски
Настапуваат:
Рајмонда: Мими Поп Алексова Атанасовска
Жан де Бриен: Васил Чичијашвили (Грузија)
Абдурахман: Дојчин Дочев (Бугарија)
Бела Дама: Ивана Коцевска
Учествува целиот балетски ансамбл и оркестарот на МОБ
„Рајмонда“ е балет во два чина. Светската премиера е одржана во Маринскиот театар во Санкт Петербург, во јануари, 1898 година. Либретото за балетот „Рајмонда“ е базирано на типичната драматургија која го обележува времето на Романтизмот. Во драмите (приказните) на овој уметнички правец доминираат темите за јунаштвото, благородништвото, љубовта, достоинството, честа и т.н. Во „Рајмонда“ тоа е Белата Дама со нејзиниот Бел Шал, инаку покровителка на благородничкото семејство на младата грофица Рајмонда де Дорис. Таа „секогаш“ е тука за да ја спаси честа на аристократите. Дилемата на младата грофица Рајмонда, кого да одбере за брачен сопатник, славниот благороднички рицар Жан де Бриен, или гордиот и властољубив сараценски јунак Абдерахман, Белата Дама, ја разрешува во корист на де Бриен.
ВОВЕД
Таинствената Бела Дама-покровителка на познатата фамилија на младата грофица Рајмонда де Дорис се појавува над древниот фамилјарен замок осветлена од месечевиот сјај. Таа раскажува една средновековна рицарска легенда во која се величат благородството, љубовта и посветеноста на долгот.
I ЧИН
Во замокот,пријателите и го честитат на Рајмонда роденденот. Дојде славниот рицар Жан де Бриен, да ја поздрави Рајмонда и да се прости пред воен поход. Грофицата Сибила и ја подарува на внуката венчаницата и ја доведува неа до Жан де Бриен. Тој и изјавува на Рајмонда љубов и и подарува бел шал. Се појавува кралот Андреј I Унгарски со придружба. Тој ги благословува рицарите кои предводени од Жан де Бриен тргнуваат во поход. Грофицата Сибила и Рајмонда ги испраќаат. Рајмонда е тажна. Белиот шал ја потсетува девојката на Жан де Бриен и неговата љубов. Одненадеж, во салата влегува сараценски рицар Абдерахман, кој слушал за убавината на Рајмонда и на прв поглед се заљубува во Рајмонда и и изјавува љубов. Абдерахман и подарува на Рајмонда црвен шал и исчезнува. Збунетата Рајмонда се обраќа за совет кон грофицата Сибила. Сибила ја смирува вознемирената Рајмонда, но нејзиното срце е полно со немир. Над прекриениот со мрак замок се појавува Белата Дама. Рајмонда како маѓепсана станува ги подава двата шала кон Белата дама, барајки одговор кој од двата рицари да биде нејзин избраник. „Тој што ќе го избере твоето срце“- одговори покровителката. Белата Дама ја носи Рајмонда во светот на волшебните сни. Рајмонда го гледа Жан де Бриен опкружен со млади девојки.Таа се стрчува кон него, но тој е воздржан и надмоќен во чувствата кон неа. Белата Дама замавнува со црвениот шал. Пред Рајмонда се појавува Абдерахман. Нивниот дует е полн со страст. Белата Дама замавнува со белиот шал. Визијата исчезнува. Првите сончеви зраци ја будат Рајмонда. Грофицата Сибила, ја прегрнува и ја смирува внуката која е вознемирена од сонот.
II ЧИН
Свечена сала во замокот. Прослава во чест на победата на Жан де Бриен. Музиката најавува нечие доаѓање. Рајмонда брза кон вратата, ама пред неа се појавува гостин што не го чекала – Абдерахман. Грофицата Сибила го поканува сараценскиот рицар да влезе со неговата бројна придружба.Не обрнувајки внимание на никого, Абдерахман и ја нуди на Рајмонда раката и срцето.Таа е збунета. Од една страна – нерешителност – од друга, упорност на прекрасниот сарацен, кој ветува раскошен живот полн со уживања. Абдерахман ја обвиткува девојката со црвениот шал и се обидува да ја носи со себе. Се појавуваат Жан де Бриен и кралот Андреј I со рицарите кои само што се вратиле од походот. Меѓу сарацените и рицарите пламнува судир. Кралот го запира судирот и бара Жан и Абдерахман да го решат спорот во двобој. Во мигот кога Жан го губи двобојот неочекувано се појавува Белата Дама и му ја враќа силата на Жан. Тој му нанесува смртен удар на соперникот. Распаметена, Рајмонда притрчува до Абдерахман. Зачуден Жан и ја пружа на невестата својата рака, но таа се оттргнува од него. Белата Дама ги обвиткува рамениците на девојката со белиот шал, и Рајмонда веднаш го заборава Абдерахман. Кралот ги спојува рацете на вљубените. Грофицата Сибила и кралот Андреј ги поздравуват гостите на свадбата на Рајмонда и Жан де Бриен, чијашто љубов минала низ тешки искушенија. Над замокот се појавува Белата Дама.