- This event has passed.
ЏАКОМО ПУЧИНИ
„БОЕМИ“
24.02.2023г. 20:00 ч.
„20 Години уметничка дејност на Бисера Чадловска“
Диригент: Бисера Чадловска
Режисер: Дејан Прошев
Асс.Диригент: Катерина Стојановска
Асс.режисер: Љупка Јакимовска, Трајко Јордановски
Сценограф : Зоран Николовски
Костимограф: Марија Пупучевска
Концерт-мајстор: Верица Ламбевска
Хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска
Светло дизајн: Јакуп Јакуп
Корепетитори: Елена Сиљаноска, Јанинка Невчева, Андреја Наунов, Јордан Петрушевски
Настапуваат:
Родолфо: Ѓорѓи Цуцковски
Мими: Сандра Митровска
Марчело: Марјан Јованоски
Шонар: Драган Ампов
Колин: Александар Стефаноски
Мuзета: Наде Талевска
Беноа: Невен Силјановски
Алчиндор: Борко Биџовски
Парпињол: Јане Дунимаглоски
Граничар: Александар Никодиновски
Офицер: Диме Петров
Хорот и оркестарот на Национална опера и балет
Испициенти: ЉупчоПолизов, Драган Костадиновиќ, Марко Павлевски
Суфлер: Невена Георгиева
*времетраење на претставата: 150 минути
20 години на сцената на Национална опера и балет – Бисера Чадловска, диригент
Професионалниот ангажман на диригентката Бисера Чадловска започнува во декември 2002 година, кога за првпат е ангажирана во премиерната поставка на операта „Кармен“ во Националната опера и балет, како хор-мајстор на детскиот хор „Пиколо“. Веќе во јануари следната година е ангажирана како хор-мајстор во операта, каде многу брзо напредува и започнува да диригира оперски и балетски претстави. Под нејзината диригентска палка се изведени голем број на премиерни изведби и наслови од тековниот репертоар на Националната опера и балет. Таа е првата жена диригент во Македонија, но важи и како еден од најплодните македонски оперски и балетски диригенти, со завидна бројка на над 50 оперски и балетски наслови во текот на нејзиното 20 годишно работење како прв диригент во Националната опера и балет.
Диригентката Бисера Чадловска, на 24 февруари, со изведба на оперската претстава „Боеми“ од Џакомо Пучини, ќе го одбележи јубилејот 20 години уметничка дејност на сцената на Националната опера и балет.
„Додека студирав на одделот по оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност, предметот Оперско студио го слушав кај познатиот оперски диригент Александар Лековски. Една негова реченица ми остана во сеќавање: „првите 20 години во професијата се најтешки, понатаму се е лесно“. Никогаш не се замислував себеси како оперски диригент, се додека за прв пат не стапнав на оперската сцена. Мојата работа стана огромен дел од мојот живот и неизмерно ја засакав. Во овие 20 години, успеав да издиригирам многу од делата кои од секогаш сакав да ги диригирам, но и многу дела за кои не знаев ни дека постојат. Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“. Во изминатите 20 години, ја немав таа можност и затоа одлучив за овој мој прв поголем јубилеј да ја диригирам токму оваа опера. Таа е голем диригентски предизвик, прекрасна и емотивна музика. Задоволството е уште поголемо бидејќи сцената ќе ја делам со моите колеги од оркестарот, хорот и солистичкиот ансамбл на Националната опера и балет, со кои соработувам сиве овие години.“
Опера во четири чина
Либретото на операта „Боеми“ се базира на романот „Животот на боемите“ од Хенри Мургер. Светската премиера на операта е одржана на 1 февруари 1896 г. во Торино, Италија, а ја диригирал тогаш младиот Артуро Тосканини.
Синопсис
Париз, крајот на 19 век. Група студенти без денар во џебовите, смета на радоста на животот која треба да им ги олесни секојдневијата, а за кои е луксуз и прехранувањето, затоплувањето и плаќањето станарина! Шивачката Мими му дава малку топлина и светлина на поетот Родолфо. Тие се вљубуваат на прв поглед и на Бадник им раскажуваат на своите пријатели за нивната љубов. За разлика од овој мелодраматичен пар, кој на крајот се распаѓа зашто веќе не се согласува, сликарот Марчело и неговата љубезна љубовница Музета, се навикнати на расправии и полни хумор, тие претставуваат целосно спротивен двоец. Всушност, Мими знае дека има туберкулоза и дека наскоро ќе умре, па иако веќе раздвоени, таа му се враќа на Родолфо за да умре покрај него, меѓу своите боемски пријатели кои не можат да сторат ништо за да ја излечат.
Сцената на првата слика ја прикажува бедната мансарда на боемите во Латинскиот кварт, во предвечерието на Бадник. Во сиромаштвото на оваа соба, поетот Родолфо и сликарот Марсел смрзнат од силниот студ. Барајќи начин да се стоплат, решаваат да го жртвуваат ракописот на една од драмите на Родолфо, користејќи ја за огрев во ладната печка. Влегува филозофот Колин, нервозен е и лут зашто не успеал да заложи ниту една од своите книги, но здогледувајќи го огнот веднаш се развеселува. Горењето на драмата на Родолфо е проследено со иронија во музиката и нивните реплики. Смислата за хумор е карактеристична за нив и во миговите на најголема беда. Но, драмата е куса и огнот полека стивнува и гасне. Со влегувањето на музичарот Шонар, среќата повторно им се насмевнува. Тој носи кошница полна дрва за огрев, храна и вино. Темпераментот на ова момче се доживува во неговото ариозо каде што тој расправа за авантурата во која ги заработил парите. Бадник е и друштвото решава вечерта да ја помине во гостилницата „Момус“. Веселото расположение е прекинато од силното тропање на врата. Сопственикот Беноа доаѓа да си ја земе станарината. Момчињата немајќи намера да му платат, лесно ќе го измамат. Беноа и самиот е веќе поднапиен, а боемите љубезно му дотураат уште вино. Во ваква состојба ним лесно им успева да го испровоцираат да се фали со своите љубовни авантури, а да ја критикува својата жена. Боемите божем навредени од ваквото скандалозно однесување го обвинуваат за блуд и неморал. Таков збунет и пијан тие го бркаат, а парите коишто во меѓувреме му ги имаат дадено, ќе си ги земат назад. По оваа епизода Марсел, Шонар и Колин тргнуваат кон нивното омилено сврталиште, кафеаната „Момус“. Родолфо останува да го доврши своето ново дело „Кастор“, а неговата внесеност ја прекинува едно срамежливо тропање на врата. Тоа е дотогаш непознатата сосетка Мими, која доаѓа со молба да ја запали изгаснатата свеќа. Но, истоштена и задишана од искачените скали, таа се онесвестува. Родолфо ѝ помага да седне и ја понудува со малку вино. Привлечен од нејзината необична, нежна и убава појава, Родолфо бара начин да ја задржи подолго време во своето друштво. Но, Мими брза и тргнува да си замине. На излезот сфаќа дека ѝ го нема клучот, кој најверојатно паднал кога се онесвестила. Се враќа назад да го бара, но од провевот свеќата повторно ѝ гасне. Родолфо, итро, ја гаси својата свеќа. Во темницата заедно го бараат клучот, кој Родолфо го наоѓа веднаш, но го крие во џебот. Судбината, потпомогната од снаодливоста на Родолфо, со леснотија ќе ги зближи нивните срца во едно романтично љубовно исчекување. Барајќи го клучот, Родолфо во темнината ја допира раката на Мими што е повод за една од најпознатите тенорски арии, Che gelida manina. Во оваа арија тој ја покажува својата романтична, поетска природа, за потоа да ѝ се додворува признавајќи дека е маѓепсан од нејзината убавина. Охрабрена од топлината што го грее нејзиното срце, таа ја пее својата арија Si mi chiamano Mimi во која се огледува нејзиното достоинство и спокојна природа. Во распеаниот дует O soave fanciulla тие прегрнати ја напуштаат мансардата за да им се придружат на пријателите.
Метеж од луѓе на плоштадот во Латинскиот кварт. Сите се во предбожикно расположение. Продавниците се отворени. Продавачките викаат од зад своите тезги. Продавачот на играчки Парпињол поминува низ плоштадот со својата количка, а децата го следат пеејќи во хор. На една од тезгите, Родолфо ѝ ја купува долго посакуваната шапка на својата Мими, која станува симбол на нивната љубов. Од кафеаната „Момус“ се слуша весел џагор на луѓето кои наздравуваат. Тука се среќаваат пријателите, а во ариетата Questa e Mimi, Родолфо им ја претставува својата придружничка. Веселото наздравување на друштвото е прекинато со доаѓањето на Музета. Таа е исклучително убава девојка, вистинска кокета, секогаш убаво облечена и нејзината појава го привлекува вниманието на сите во кафеаната, а особено сега кога е во придружба на стариот, но богат господин Алчиндор. Оваа глетка веднаш му го менува расположението на Марсел. Музета му е слабата точка во неговото срце и покрај нивните караници и несогласувања во минатото тој е сè уште вљубен во неа. Таа не е ништо помалку заинтересирана за него и се обидува на секој начин за да му го привлече вниманието. Но, тоа не е доволно да ја скрши ладнокрвноста којашто ја глуми Марсел. Во својот последен обид да го испровоцира, Музета додека ја пее својата арија Quando me’n vo’ soletta флертува со неколкумина мажи во кафеаната. Свесна дека успеала во намислата, таа итро се ослободува од Алчиндор. Врескајќи панично таа почнува да се жали на „тесниот“ чевел и го убедува старецот да ѝ купи нови чевли. Алчиндор зацрвенет од срам трча да ѝ ја исполни желбата. Вљубените Марсел и Музета се прегрнуваат и ги одушевуваат сите присутни во гостилницата. Со пристигнувањето на воениот оркестар, дружината боеми и двете девојки си заминуваат.
Студено февруарско утро, на влезот во Париз. Крај патот се наоѓа една таверна во која Марсел и Музета престојуваат веќе некое време. Задишана и изморена, низ улицата се приближува Мими којашто често се закашлува и веќе е јасно дека болеста почнала да зема замав. Таа ја замолува жената што мете пред крчмата да го повика сликарот Марсел. Плачејќи му се обраќа за помош и признава дека Родолфо веќе долго време ја измачува со својата љубомора, дека животот им е вистински пекол и дека тие мора да се разделат. Марсел ветува дека ќе разговара со Родолфо и ја испраќа дома, но таа наместо да замине се сокрива зад едно дрво и го прислушува нивниот разговор. Родолфо му објаснува на својот другар дека е љубоморен и дека ќе ја напушти Мими, но Марсел сомневајќи се во неговата приказна го провоцира да ја каже вистината. Родолфо признава дека вистинската причина за неговата несреќа е болеста на Мими. Во студот и сиромаштијата неговата љубов не е доволна да ѝ го врати здравјето и да ја спаси од смртта. Мими во тој момент првпат ја дознава страшната вистина. Плачот и кашлањето го откриваат нејзиното присуство. На Родолфо и Марсел им станува јасно дека таа го слушнала разговорот, па Родолфо се труди да ја утеши негирајќи ги искажаните зборови. Двојниот дует Adio dolce svegliare го носи тажното љубовно збогување на Родолфо и Мими преку евоцирањето на спомените на нивната среќа во минатото, но и љубоморната караница на Марсел и Музета која завршува со нивна разделба.
Пролет е. Родолфо и Марсел се на балконот и разговараат за своите поранешни девојки. O Mimi tu piu non torni е дуетот во кој тие, секој за себе, пеат за среќните денови минати во љубов. Со доаѓањето на Шонар и Колин, се враќа и старото весело расположение на овие момчиња. Секогаш подготвени за шега, тие ги исмеваат луѓето од високата класа, нивното бонтон однесување и ги карикираат нивните аристократски танци. И кога будалестото однесување ќе кулминира, нивната безгрижност е прекината од влегувањето на задишаната Музета која ја води Мими исцрпена од болеста и блиску до смртта. Таа се враќа кај Родолфо за да умре покрај човекот што го љуби. До крајот на чинот, низ нејзината претсмртна еуфорија, провејуваат музички теми и лајтмотиви од целата опера. Тие се реминисценција на нејзината среќа што ја доживеала во оваа куќа, симбол на поврзаноста со луѓето со кои ја почусвтвувала вистинската животна радост, како и симбол на нејзиното љубовно единство со Родолфо. Сите се свесни за трагичната реалност. Само Родолфо до последен момент го грее надежта дека таа ќе преживее. Станува свесен за нејзината смрт, дури откако таа ќе почине. Болното извикување на нејзиното име, придружено од темата на смртта во музиката, ќе го означат крајот на целата опера.