
- This event has passed.

Балетска претстава на Игор Киров
Хрватски национален театар – Сплит (Хрватска)
Најистакнатиот македонски танчар и кореограф, единствен по своите уметнички креации, неуморлив дух, ентузијазам и динамично-магнетски темперамент ја потврдува својата доминација на меѓународната сцена, овој пат во улога на уметнички директор на балетот на Хрватскиот народен театар од Сплит. Таму Игор Киров продолжува да ја култивира традицијата на класичен и модерен репертоар, постојано трагајќи по нова танцова естетика, насоки и правци. „На пат“ е музичко-сценско дело што стои на работа меѓу сонот и реалноста. Користејќи ги како музичка подлога „Голдберг варијациите“ на Јохан Себастијан Бах, балетот комбинира класични и современи танцови елементи во изведба на 17 танчери. Во него Киров уште еднаш докажува дека имагинацијата, динамиката и техничката подготовка претставуваат јадрото на неговата кореографска уметност. „На пат“ е претстава која ја гледате во еден здив, „залепени“ за седиштето – во 57 минути пред вашите очи „прелетуваат“ 32 танцови приказни што нурнуваат една во друга во континуирана секвенца на софистицирани движења и на крајот потполно исчезнуваат. Со „На пат“ Игор Киров исцртува уште еден оригинален кореографски потпис каде неизмерниот талент, автентичноста и уметничката рефлексија му овозможуваат да допре онаму каде што повеќето други кореографи не успеваат.