Со гала концерт насловен “Поздрав од Скопје” Македонската опера и балет(МОБ) на 1 јули со почеток од 20 часот го отвора Меѓународниот фестивал на културата во Сараево “Башчаршиски ноќи”.

Фестивалот, што секоја година се одржува од 1 до 31 јули, овојпат го отвораат солистите на Македонската опера и балет Наде Талевска (сопран) и Никола Стојчески (тенор), додека со оркестарот на Сараевската филхармонија ќе диригира маестро Иван Еминовиќ.

“Пробите се во тек, а воодушевувањето е взаемно, ние од нивниот оркестар, а тие од нашите солисти и диригентот Иван Еминовиќ, кој докажува дека е врвен диригент. Покрај средбата со директорот на Сараевската филхармонија, Самир Локванчиќ, и подготовките за концертот имам договорени работни посети со министерот за култура на Босна и Херцеговина, Мирвад Куриќ како и со заменик градоначалникот на Сараево, Ивица Шариќ”, изјави за “Вечер” директорот на МОБ Ќазим Асотиќ, кој посочи дека соработката со Сараевската филхармонија продолжува.

“Очекуваме и ветуваме одличен концерт на фестивалот “Башчаршиски ноќи” кој традиционално се одржува од 1 до 31 јули, а честа е наша оваа година токму ние да го отвориме фестивалот. Срдечно им испраќаме на сараевчани “Поздрав од Скопје” преку прекрасни арии кои ќе ги изведат нашите солисти Наде Талевска и Никола Стојчески”, додаде Асотиќ.

“Башчаршиски ноќи” се најголемиот културен настан, односно летен фестивал на културата во Сараево, Босна и Херцеговина. Со домашните ансамбли и солисти, со гостувањето на многу европски и меѓународни уметници, секој јули станува вистински центар на културата, а целиот град е во специјална фестивалска атмосфера. Гостувањето на МОБ е на покана на Сараевската филхармонија.

 

превземено од vecer.press