Традиционалниот Василичарски концерт во Македонската опера и балет беше вистински спектакл што долго ќе се памети!

По повод празникот Василица и одбележувањето на 30-годишнината од првиот концерт по повод овој празник, сцената на МОБ блескаше во полн сјај. Публиката, која ја исполни салата до последното место, со нетрпение ги очекуваше настапите на гостите од Шпанија и оркестарот на МОБ.

Под диригентската палка на реномираниот Оливер Диаз, оркестарот ја отвори вечерта со моќната увертира од операта „Набуко“ на Џузепе Верди, создавајќи возбудлива атмосфера која најави вечер исполнета со емоции и музичка магија. Сопранот Ирене Палазон и тенорот Хозе Луис Сола ги воодушевија присутните со своите исклучителни вокални изведби. Палазон блескаше со својата емотивна интерпретација на аријата на Лиу од Пучиниевата „Турандот“, додека Сола маестрално ја изведе аријата на Федерико од операта „Арлезијанка“ на Чилеа.

Особено впечатливи беа нивните заеднички настапи, како што беше дуетот на Виолета и Алфредо од Вердиевата „Травијата”, што ја разнежни публиката и предизвика бурни аплаузи. Оркестарот, под водство на Диаз, виртуозно ги изведе и класичните дела како интермецото од  „Кавалерија рустикана” на Маскањи и увертирата од  „Лиљакот” на Јохан Штраус, додавајќи динамика и длабочина на програмата.

Публиката со воодушевување ја поздрави секоја изведба, а емоциите кулминираа со завршните изведби на Палазон и Сола. Посебно се истакна и изведбата на аријата на Леандро од операта „Таверна покрај…“ на Пабло Сорозбал, каде што Сола ја покажа својата вокална супериорност.

Концертот заврши во свечен и возбудлив дух, со долги и громогласни аплаузи. Публиката излегуваше од салата со насмеани лица и позитивни коментари за исклучителниот музички настан, а многумина жалеа што немаа прилика да обезбедат билет за овој незаборавен концерт. Вечерта во Македонската опера и балет уште еднаш потврди дека музиката има моќ да обединува и да инспирира.

Овој концерт по повод празникот Василица беше вистинско музичко доживување за кое уште долго ќе се зборува!