Vaso Ristov

Почитувани,

Како центар на музичко-сценските случувања во целиот регион, „Мајските оперски вечери“, за сите нас, вљубеници и поклоненици на најкомплексната и најсложена уметничка форма – операта, претставуваат момент на духовно задоволство и премин во друга димензија… Сите заедно, Вие, како публика, а ние како изведувачи, со нетрпение го исчекуваме кревањето на завесата и впловувањето во музичко-драмските креации, напишани од перата на најистакнатите претставници на музичката литература.

Како и секогаш, така и оваа година, содржината на фестивалската програма ја сочинуваат највисоките дострели на светската оперска и балетска уметност. Во тој контекст, овогодинешната концепција е проткаена со тематската линија на одбележувањето на 210 години од раѓањето на еден од најзнаменитите оперски композитори, големиот маестро Џузепе Верди. Врамени помеѓу две негови грандиозни оперски дела, „Набуко“ на отворањето и „Аида“, традиционално на затворањето, 51. „Мајски оперски вечери“ на сцената ќе ги донесат и романтичната трагедија „Травијата“, како и монументалното вокално-инструментално дело „Реквием“, овој пат, во соработка со оркестарот на Филхармонијата. Покрај ремек-делата од Вердиевото творештво, за ова издание ги подготвивме и атрактивната и популарна „Кармен“ на Жорж Бизе и бисерот на балетската литература, „Лебедово езеро“ на Петар Илич Чајковски.

Ви посакувам, со особено задоволство да ги проследите претставите, да ја почувствувате магијата од сцената и да ја восприемите креативната енергија од уметниците… На тој начин, сите заедно ќе бидеме дел од уште едно убаво и успешно издание на нашата и Ваша омилена музичко-сценска манифестација.

 

м-р Васо Ристов

Директор на Национална опера и балет

КАТАЛОГ 51 МОВ