Почитувани љубители на уметноста,
Мајските оперски вечери се огледало на тоа кои сме и стандард што го поставуваме!
Мајските оперски вечери никогаш не сум ги доживувал како обичен фестивал. За мене, тие се огледало, најискреното огледало на тоа кои сме како институција, како тим, како култура.
Огледалото не лаже. Тоа покажува дали навистина даваме сè од себе.
Оваа година, приказната ја започнуваме со маестралниот Пучини и двете премиери, „Сестра Анџелика“ и „Џани Скики“, дела што носат силна емоција и нова енергија на сцената. Потоа, следи Вердиевиот „Риголето“, драма за човечката судбина, по што доаѓа „Тоска“, опера што ја носи тензијата на љубовта и моќта до своите крајности.
„Мадам Батерфлај“ ја истакнува најдлабоката човечка емоција, љубов, жртва и тишина што останува. Со „Лебедово езеро“ ја внесуваме магијата на балетот и чистата сценска убавина, додека „Травијата“ нè потсетува на кревкоста на љубовта и изборите што ја дефинираат. И на крај, „Набуко“, силно, колективно финале што моќно ја заокружува целата приказна.
Ова е внимателно креирана целина. И зад неа стои тим што секојдневно работи да создаде нешто што има вистинска вредност.
Денес, повеќе од кога било, публиката знае да препознае разлика. Разлика помеѓу просек и квалитет. Помеѓу нешто што е направено затоа што мора и нешто што е создадено со вистинска посветеност. Мајските оперски вечери се токму тој тест. Не само за уметноста, туку и за сите нас што стоиме зад неа.
Затоа изборот е јасен. Да не прифаќаме просечност. Да поставуваме стандарди што се гледаат, се чувствуваат и се паметат. Да продолжиме напред, погласно, подобро и посилно.
Ова што го градиме не е само за оваа сезона. Ова е за иднината на институцијата, за довербата на публиката и за тоа каква култура сакаме да оставиме.
Затоа ве поканувам, не само да дојдете, туку и да бидете дел од оваа приказна. Дел од искуството. Дел од Мајските оперски вечери!
Срдечно,
Оливер Арсовски
Директор на Националната опера и балет