Изминатите години бележи огромни успеси во Миланска Скала, Њујорк, Токио, Париз, Парма, Бангкок, Макао, Неапол, Валенсија, како и на светската премиера на операта „Страв“ каде ја толкува главната улога во Новара, Италија.
Кариерата на Нацоски започнува во 2003 со настапот на сцената на Римската Опера, како прв Македонец што воопшто настапил во оваа престижна оперска куќа. Од таму неговата кариера рапидно се шири низ целиот свет, настапувајќи во најпрестижните театри низ целиот свет како „Сан Карло“ во Неапол, „Реџо“ во Парма, Операта во Каљари, „Верди“ во Трст, „Карло Феличе“ во Џенова, оперите во Сасари, Цирих, Минхен, Франкфурт, Штутгарт, Брисел, Торонто, Сиетл, Прага, Лимож, Гран Театарот во Екс Ан Прованс, Театарот Бунка Каикан во Токио, Сантори Хол во Токио, Рјутопиа Центарот во Ниигата, Национална Опера во Варшава, Градскиот Театар во Клагенфурт, Националната Моравска Опера во Острава, како и Фестивалите во Салцбург, Мишколц и Халвил, пеејќи ги главните тенорски роли во оперите „Дон Џовани“, „Така прават сите“, „Волшебната флејта“, „Грабнување од Сарајот“, „Сонот на Скипион“ од Моцарт, „Севилскиот бербер“, “Италијанка во Алжир“, „Турчин во Италија“ од Росини, „Дон Пасквале“ од Доницети, „Месечарка“ од Белини, „Свртување на штрафот“ и „Сонот на летната ноќ“ од Бритн, Вердиевите „Отело“ и „Фалстаф“, „Ромео и Јулија“ од Гуно, „Славеј“ од Стравински и „Аријадна на Наксос“ од Р. Штраус.
Нацоски има снимено неколку ДВД, и тоа „Сонот на Скипион“ за Дојче Грамофон и „Аријадна на Наксос“ за ТДК и ЦД на „Лучија од Ламермур“ за Динамик, „Ромео и Јулија“ заедно со Андреа Бочели за ДЕКА, “Зенобија во Палмира“ за Бонџовани и Те Деум од Флавио Колусо за МР Класикс. На 27 јануари излезе и ДВД и Блу-Реј од претставата „Турандот“ од Миланска Скала повторно за ДЕККА.
Во 2008 е прогласен за „Амбасадор на македонската култура во Италија“, а во 2016 година доби и признание „Човек на годината“ од весникот Нова Македонија.
Благој освен оперската музика ја негува и концертната дејност. Во текот на месец февруари 2018 го изведе циклусот „Зимско патување“ од Франц Шуберт со голем успех а го репризираше во Рим и Александрија, а неодамна ги изведе Љубовните валцери од Шуман и Брамс на Велигденскиот фестивал во Монтепулчано. Во 2018 дебитираше во Грузија и во Русија, каде беше награден за „мајсторската изведба“ на улогата Алмавива во Росиниевиот „Севилски бербер“. Неговата преполна агенда во следните две години предвидува настапи во Јапонија, Бари, Трст, Палермо, Тенерифе итн.