- This event has passed.
Заспаните убавици е насловот на извонредниот балет со фантастична раскошна музика
на славниот руски композитор Чајковски. Музиката за балетот повеќе од еден век преставува инспирација за неброени кореографи, така што постојат толку многу различни верзии на балетот колку што има балетски ансамбли во светот.
Јас сакав да дадам едно ново гледање, нов пристап кон приказната Заспана убавица која не е раскажана на традиционален начин. Приказната во прв план ги поставува односите помеѓу младоста и староста, сексот, смртта, животот и сеќавањето. Сите овие аспекти придонесуваат кон развојот на еден жив ум. Кавабата ја потенцира способноста на човечкиот ум да фрли светлина на односот на поединецот со светот во кој егзистира.
Размислувањата на ликовите за грешките во минатото најчесто се случуваат кога се наоѓаат на прагот на смртта. Тогаш колку очајно ја бараат таа невозможна шанса повторно да ја зграпчат младоста, дури само за миг, и да почувствуваат една почиста егзистенција.
Приказната поседува еден лиричен квалитет во кој наоѓаме прикриен реализам. На површината, овие приказни лесно е да ги сместиме во светот на фантазијата и сонот (елементи кои во одредена мера ги поседуваат), но контемплациите и филозофските размисли кои ги нудат се универзални, реалистични и безвремени. Во суштина, ова е приказна за чистата желба. Куќата на Заспаната убавица е куќа на желбата; длабоката желба всушност е желба вистински да сте близок со некого, да се напојувате од нивната младост и убавина, патувајќи низ сеќавањата на Вашиот живот, припомнувајќи се на Вашата младост. Да горите од желба и да не ја изразите е најголемата казна која можете да си ја нанесете. Да се топите и да сознаете крајна нежност, да бидете повредени од Вашето сфаќање на љубовта, да крварите доброволно и со радост, да се разбудите во мугри со раскрилено срце и да се заблагодарите за новиот ден исполнет со љубов, да медитирате за екстазата на љубовта… Да се вратите дома полни со благодарност и да заспиете со молитва за љубениот во Вашето срце и со спомен на Вашите усни. Не го уништувајтоа што го имаш со желба за тоа што го немаш, но сепак сети се дека тоа што го имаш сега, некогаш беше нешто на кое можеше само да се надеваш..
Саша Евтимова – кореограф
Кореограф и сценска идеја: Саша Евтимова
Костимограф: Александар Ношпал
Музика: Рихард Вагнер, Едвард Григ, Ј. С. Бах, Густав Малер, Милан Димушевски
Видео проекција и филм: Предраг Милошевиќ
Светло мајстор: Васил Лисичов
Настапуваат: Александра Мијалкова, Мими Поп Алексова-Атанасовска, Марија Кичевска Шокаровска, Наташа Јосифовска, Саша Евтимова, Билјана Басмаџиева, Васил Чичијашвили (Грузија), Бобан Ковачевски, Игор Веланоски, Јан Кисилев, Мирослав Митрашиновиќ, Агим Бафтии