Овогодинешните Мајски оперски вечери ја вратија фестивалската концепција која беше и замисла на основачите на оваа манифестација, а тоа е: На крајот на сезоната, на публиката да и се понуди врвно уметничко доживување, да се претстават достигнувањата на другите оперски куќи и уметници и пред гостите да се презентираат нашите уметнички дострели.

Фестивалот започна традиционално, со премиера на дело од италијанскиот композитор Џакомо Пучини. Мајските вечери годинава Го слават Пучини, односно, тие се во знакот на јубилејот, 160 годинио од раѓањето на овој значаен оперски творец. За почеток беше изведена претставата „Боеми“, со комплетна авторска и изведувачка екипа на домакинот, Македонската опера и балет. Претставата помина вообичаено свечено, како и секоја претстава која била на отворањето на фестивалот. Годинава на свеченото отворање се обрати в.д. директорот на МОБ г-динот Ќазим Асотиќ, фестивалскиот оган го запали првенката на МОБ Весна Ѓиновска-Илкова, а за отворен го прогласи Претседателот на Владата на Р. Македонија, г-динот Зоран Заев.

Boemi 1

„Боеми“, последен пат на Мајски изведена во 2008 година, по пауза од 10 години доживеа нова премиерна авторска изведба, режија, сценографија, костимографија и комплетна домашна изведувачка екипа. Сите чинители на изведбата беа на висина на задачата, преку режијата на веќе докажаниот Дејан Прошев, одличната изведба на сценографијата на Зоран Николовски и костимографијата на Марија Пупучевска, како и нашите солисти Ѓорѓи Цуцковски, Горан Начевски, Ристе Велков, а посебен впечаток остави интерпретацијата на Благица Поп Томова, толкувајќи ја улогата на Мими, под диригентската палка на маестро Мартиненги од Р. Италија.

Следен настан беше реализацијата на уште едно дело од годинешниот „славеник“ Пучини, неговата „Тоска“. Ова дело изобилува со драматика, како во самото либрето, исто така и во партитутрата, без оглед дали се работи за солистички, оркестарски или хорски делници. Трите главни улоги: Тоска, Каварадоси и Скарпија беа донесени извонредно од гостите, Феријал Туркоглу (Турција), Иван Момиров (Бугарија) и нашиот баритон Борис Трајанов, кој улогата на Скарпија ја толкувал многу пати ширум светските сцени. Диригентот Симон Кречич од Словенија, одлично „командуваше“ со сите елементи на изведбата.

tosca 1

Традиционално, со ретки исклучоци, на Мајските вечери настапува и нашиот балетски ансамбл. Годинава на програмата беше изведен балетски концерт насловен како „Балетски бисери“. Насловот соодветствуваше со програмата на концертот, навистина беа изведени бисери од балетската уметност. Беше тоа одличен концерт на кој настапија нашите првенци, како и гости солисти од Бугарија, Србија, Хрватска и Босна и Хецеговина, под диригентство на гостинот од Бугарија, Диан Чобанов.

baletski biseri 2

Досега фестивалот се одвиваше со посакуваната организациона и уметничка замисла. До крајот на истиот останува да ги проследиме „Турандот“ третото дело на Пучини на овој фестивал, гостувањето на комплетниот оперски ансамбл на народниот театар од Сараево, со делото „Змејот од Босна“, концертот Puccini&Rossini, со кој покрај јубилејот на Пучини, ќе се потсетиме на делата на Џоакино Росини, по повод 150 години од смртта на овој значаен италијански автор.

А за крај на фестивалот ја очекуваме, исто така традиционално, величествената „Аида“ на Џузепе Верди

Со почит,

Крсто Скубев

Македонска опера и балет