Loading Events

« All Events

„СЕСТРА АНЏЕЛИКА“ / „ЏАНИ СКИКИ“ – ЏАКОМО ПУЧИНИ (9.5.2026) May 9 @ 8:00 pm - 10:30 pm 1000МКД


ОТВОРАЊЕ НА 54 МАЈСКИ ОПЕРСКИ ВЕЧЕРИ

ПРЕМИЕРА
ЏАКОМО ПУЧИНИ
„СЕСТРА АНЏЕЛИКА“
9.5.2026, 20 часот

Диригент: Џанлука Мартиненги – Италија
Режисер: Пјер Франческо Маестрини – Италија
Сценограф: Гилермо Нова – Шпанија
Костимограф: Кристина Ачети – Италија
Асс. Костимограф: Валентина Волпи – Италија
Светло дизајн:
Кореограф:
Асс Кореограф:
Асс Диригент : Катерина Стојковска
Ассежисер: Трајко Јордановски, Љупка Јакимовска
Концерт мајстор:
Хор мајстор: Јасмина Ѓорѓеска
Корепетитори: Елена Сиљаноска, Јанинка Невчева, Андреја Наунов, Анастасија Грговска
Инспициенти: Драган Костадиновиќ, Марко Павлевски, Катерина Бошковска
Суфлер: Невена Георгиева, Ивана Јордановска

Настапуваат:
СЕСТРА АНЏЕЛИКА: Марта Торбидони – Италија
ПРИНЦЕЗАТА (нејзината тетка): Бенедета Мазето- Италија
БАДЕСА ИГУМЕНИЈА: Марика Поповиќ
СЕСТРА СЕНТРИЧЕ: Николина Јаневска
ГОСПОДАРКА НА ИСКУШЕНИЦИТЕ: Соња Пендовска Мадевска
СЕСТРА ЏЕНОВЈЕФА: Биљана Јосифов
СЕСТРА ОСМИНА: Марија Наумовска
СЕСТРА ДОЛЧИНА: Ана Ројдева
МЕДИЦИНСКА СЕСТРА: Злата Тошевска Димовска
СЕСТРА НА МИЛОСРДИЕТО: Јаворка Витанова
ИСКУШЕНИЧКА: Десанка Глигоријевиќ
СЕСТРA ИСКУШЕНИЧКА: Билјана Бајевска
ПРВА ЛАИЧКА СЕСТРА: Александра Лазаревска Василевски
ВТОРА ЛАИЧКА СЕСТРА: Теодора Пејиќ Зајкова

ХОРОТ И ОРКЕСТАРОТ НА НАЦИОНАЛНА ОПЕРА И БАЛЕТ

Дејствието се одвива во осамен манастир во Италија, кон крајот на 17 век.
Во едно пролетно попладне, во манастирот, по завршувањето на моливите за Светата седмица, калуѓерките излегуваат од капелата и се собираат во клостерот. Надредената сестра им дозволува да се рекреираат малку пред повторно да се вратат на редовните работни задачи. Во опуштеноста, радувајќи му се на пролетното зајдисонце, сестрите и покрај испосничкиот живот, кој треба да е лишен од земски желби, си признаваат дека сè уште имаат копнежи кои ги носат од нивните некогашни световни животи. Сестра Анџелика, која веќе седум години живее во манастирот, одбива да ги сподели своите желби, тврдејќи дека ништо не посакува, но нејзините духовни сестри ја согледуваат нејзината тага и тивко страдање. Знаејќи дека сестра Анџелика за сите седум години нема добиено никакви посети или вести од семејството, заинтригирани, меѓусебно шепотат за нејзиното потекло од благородничка фамилија, која ја испратила во манастир како казна за некаков сторен грев.
Разговорот е прекинат од сестрата болничарка која дотрчува со молба до сестра Анџелика да даде цвет за ублажување болки за една од сестрите која е касната од оса, коментирајќи дека сестра Анџелика ги знае скриените моќи на билките.
Во дворот пристигнува сестрата која носи храна за манастирот и откако ќе ја испорача, ќе соопшти дека на влезот од манастирот видела убава господска кочија и дека сигурно некој благородник е дојден во посета во манастирот. Оваа вест видно ќе ја вознемири сестра Анџелика, која почнува да ја распрашува сестрата за деталите на кочијата. Сестрите гледаат дека оваа вознемиреност е одраз на нејзиниот длабок копнеж конечно да дознае нешто за своето семејство и кога ѕвончето ќе најави дека некој е дојден во собата за прием, сите сестри, и покрај тоа што посакуваат некој нив да ги посети, се молат посетата да е за сестра Анџелика, која тивко страда во длабоко искупување.
Молитвата е услишена! Одговорната сестра ја повикува Анџелика во собата за прием каде што ја чека нејзината тетка, принцезата. Сестра Анџелика е обземена од емоции, но наместо топол прием ја пречекува студен и службен рапорт од тетка си. Таа ѝ соопштува дека наследството кое принцот и принцезата, родителите на Анџелика, ѝ го довериле пред да умрат, конечно ќе биде поделено. Причина за ова е венчавањето на нејзината помала сестра, чија рака е прифатена со љубов и покрај срамот што Анџелика со својот грев го донела на семејството и засекогаш го извалкала нивниот грб. Тетка ѝ и порачува целосно да се предаде на искупувањето, но Анџелика гневно ќе ја обвини тетка си за немилосрдност и ќе ја преколнува да ѝ каже новости за единственото нешто од кое не може да се откаже, својот син, детето кое ѝ било оттргнато на породување. Со непопустлива бесчувствителност, тетка ѝ ќе и соопшти дека откако бил погоден од болест, пред две години, нејзиниот син, починал.
Сестра Анџелика, во агонија од страшното сознание, обземена од мисли за осаменоста на нејзиното мало чедо, кое никогаш не ја осознало љубовта на мајка си, дури ни во тешките мигови на смртта, ќе падне во бессознание и ќе почне да фантазира за нивната средба во рајот.
Екстатичниот занес на среќа за повторната средба во задгробниот живот ќе ја наведе да посегне по отровите на нејзините билки и ќе си го одземе животот.
Но, во мигот кога отровот ќе почне да дејствува, разумот ќе ѝ се врати и ќе сфати дека умира во смртен грев.
Во последните мигови на животот, очајнички молејќи се за милост, Анџелика доживува чудесна визија на Богородица, која ѝ го носи синот, како знак дека место вечна проколнатост, услишено и е целосно искупување.

ПРЕМИЕРА
ЏАКОМО ПУЧИНИ
„ЏАНИ СКИКИ“

Диригент: Џанлука Мартиненги – Италија
Режисер: Пјер Франческо Маестрини – Италија
Сценограф: Гилермо Нова – Шпанија
Костимограф: Кристина Ачети – Италија
Асс. Костимограф: Валентина Волпи – Италија
Светло дизајн:
Кореограф:
Асс. Кореограф:
Асс Диригент: Катерина Стојковска
Асс. Режисер: Трајко Јордановски, Љупка Јакимовска
Концерт мајстор:
Корепетитори: Елена Сиљаноска, Јанинка Невчева, Андреја Наунов, Анастасија Грговска
Инспициенти: Драган Костадиновиќ, Марко Павлевски, Катерина Бошковска
Суфлер: Невена Георгиева, Ивана Јордановска

Настапуваат:
ЏАНИ СКИКИ: Роберто Де Кандиа – Италија
ЛАУРЕТА, неговата ќерка: Ана Дурловски
ЦИТА: Николина Јаневска
РИНУНЧО: Гуо Ѕ- Жао – Кина
ГЕРАРДО: Никола Стојчески/ Јане Дунимаглоски
НЕЛА: Биљана Јосифов
ГЕРАРДИНО:
БЕТО ДИ СИЊА: Диме Петров
СИМОНЕ: Игор Дурловски
МАРКО: Драган Ампов
ЧЕСКА: Злата Тошевска Димовска
МАЕСТРО СПИНЕЛОЧО: Невен Силјановски
НОТАР: Владимир Саздовски
ПИНЕЛИНО: Марко Димовски
ГУЧО: Тихомир Јанкимовски
ОРКЕСТАРОТ НА НАЦИОНАЛНА ОПЕРА И БАЛЕТ

Дејствието се одвива во Фиренца, во 1299 година, во екот на културната експанзија која градот ќе го направи најбогат во Европа и на светот ќе му ги донесе хуманизмот, ренесансата и модерното време, а е инспирирано од епизода од „Пеколот“ на Данте Алигиери.
Утро е во куќата на богатиот газда Буозо Донати, кој штотуку починал. Неговите роднини се собрани околу неговото тело и во лицемерни фрази на божемно оплакување, всушност исчекуваат да се чита неговиот тестамент во надеж дека покојникот ги оставил во благосостојба. Но, до роднините се стасани гласишта дека Буозо своето богатство го оставил на монасите на Светите дела на Света Репарата, па ужаснати од помислата дека нема да добијат ништо, френетично се впуштаат во потрага по тестаментот. Откако ќе го најдат, ќе откријат дека Буозо, сепак, ги збогатил монасите, а нив не им оставил ништо. Во очај од ова сознание, со мачнина ќе ја прифатат идејата на младиот Ринучо, член на семејството, да побараат помош од Џани Скики, итар и досетлив новодојденец во Фиренца, познат по својата снаодливост; тој сигурно ќе умее да смисли како да дојдат до парите на Буозо.
Во меѓувреме, Ринучо, кој е вљубен во Лаурета, ќерката на Скики, ќе го повика итрецот и додека роднините негодуваат, тој ќе пристигне. Семејството всушност го презира Скики поради тоа што е од низок сталеж и се противи на бракот со Лаурета, но по кратка караница и меѓусебна размена на навреди, заедничките интереси ќе победат: семејството Донати ги посакува парите на Буозо, а Скики ја посакува среќата на својата вљубена ќерка. Тој веднаш ќе смисли храбар и ризичен план: пред да обзнанат во јавноста дека Буозо е мртов, Скики, кој е вешт имитатор, ќе се преправи во Буозо, ќе викне нотар и ќе издиктира нов тестамент.
Идејата со ентузијазам ја прифаќаат сите и се договараат за поделба на наследството. Но, кога ќе дојде до најдобрите богатства на Буозо, меѓу роднините ќе настапи караница за кој да ги добие. Бидејќи не ќе можат да се договорат, таа одлука ќе му ја доверат на Скики; тој според својот смисол за правда да одлучи кој да ги добие највредните работи од оставнината.
Ќе го повикаат нотарот и додека Скики се преоблака во рувото на Буозо, секој од роднините во тајност ќе му пријде и ќе му понуди поткуп доколку ним им го додели најдобриот имот.
Нотарот ќе дојде, а Скики, убедливо преправен во Буозо, ќе го издиктира новиот тестамент. Но, кога ќе дојде до највредните работи од наследството, мазгата, водениците и куќата во Фиренца, тие ќе си ги остави себеси, како последна желба на Буозо. Роднините кои ќе ги добијат поскромните делови од наследството ќе бидат разгневени и шокирани од итрата измама на дојденецот, но плашејќи се од фирентинските закони кои ваквото измамничко соучешниство го казнуваат со отсекување рака и изгон, не ќе можат да протестираат и да го спречат итриот потег на Џани Скики.
Скики алчните роднини ќе ги избрка од својата нова куќа, а вљубените Ринучо и Лаурета ќе останат да живеат во Фиренца со богатствата на Буозо.

Details

Date:
May 9
Time:
8:00 pm - 10:30 pm
Cost:
1000МКД
Event Category:
Website:
https://online.operabalet.mk/index.php?id=483