
Петар Илич Чајковски
ОРЕВОКРШАЧКА
12.12.2026. 19.30 часот
Балет во два чина
“Балетска фантазија за соништата, спомените и вистините што ги разбираме дури кога ќе пораснеме.”
Диригент: Едуард Амбарцумјан (Ерменија)
Кореограф: Саша Евтимова
Либрето: Саша Евтимова
Сценограф: Марија Ветероска
Костимограф: Марија Пупучевска
Концерт мајстор: Јане Бакевски
Асистент кореограф: Дмитро Чеботар
Асистент кореограф на учениците од балетски оддел: Маја Митровска Богојевска
НАСТАПУВААТ:
Учествуваат истакнати солисти, солисти и ансамблови играчи, оркестарот и хорот на Национална Опера и Балет и ученици од основен оддел балет од ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“
ОРЕВОКРШАЧКА
Балет за невиноста, имагинацијата и љубовта што преживува над времето
Во оваа нова поетска интерпретација на класичниот балет, Оревокршачка станува балет за патувањето помеѓу сонот и јавето, детството и будењето, невиноста и откровението.
На снежниот плоштад, во пресрет на Бадник, малиот град е жив со светлина, музика и мирис на празник. Меѓу толпата се појавува мистериозниот Дроселмаер – чувар на тајните патишта меѓу светот на реалноста и имагинацијата. Со него е неговиот внук, млад човек со благороден дух. Клара, девојка со отворено срце и детска радозналост, го среќава токму таму – и во мигот на нивниот прв поглед, започнува нејзиното патување кон непознатото.
Во домот на Сталбаум, во блесокот на божиќната ноќ, Дроселмаер ѝ подарува на Клара еден посебен дрвен Оревокршач, велејќи дека тој го чува срцето на сонувачот. Кога полноќ ќе го замолчи светот, невиноста се преобразува во чудо: играчките оживуваат, а Оревокршачот се претвора во Принц – во ликот на нејзината прва љубов.
Битката со Кралот на глувците станува симбол на внатрешна храброст: Клара, водена од љубов и вера, ја победува темнината и влегува во Снежното царство – место на тишина и светлина. Снежниот Крал и Кралицата, вечни чувари на рамнотежата, го отелотворуваат преминот меѓу јавето и сонот. Снегот не паѓа само над сцената, туку врз границата меѓу световите – таму каде што реалноста замолкнува, а имагинацијата започнува да зборува.
Во вториот чин, Клара и Принцот пристигнуваат во Волшебното царство каде што владее Самовилата од шеќерна волна – осамена и обвиена во сеќавање. Нејзината варијација е тажен танц за изгубената љубов, молитва за повторно будење. Клара, со својата чистота и добрина, ја оживува магијата на светот; секој дивертисмент станува спомен од посреќни времиња – радост која повторно дише преку нејзиниот сон.
Во моментот на препознавање, Самовилата од шеќерна волна сфаќа дека Принцот пред неа е нејзиниот изгубен Кавалер. Гранд па де де-то не е само танц на виртуозност, туку литургија на љубовта што ја надживеала смртта и времето. Целото царство слави – не за спектакл, туку за благодарност.
Наутро, Дроселмаер нежно ја води Клара назад низ светот на сонот. Таа се буди под елката, држејќи го својот Оревокршач. Надвор снегот сјае, а низ прозорецот ѝ се насмевнуваат Самовилата и Кавалерот – благослов од еден друг свет. Светот околу неа е ист, но нејзиниот поглед е променет. Таа разбира дека љубовта и соништата не исчезнуваат со будењето – тие продолжуваат да живеат во срцето на оној што верува.