Ана Дурловски е првенка на Националната опера и балет во Скопје, која оваа година прославува 25 години уметничка дејност. Таа, во континуитет остварува блескави успеси на европската и светска оперска сцена, восхитувајќи ги критичарите и публиката со својата совршена техника, интонативна прецизност и волуминозен и кристално јасен тембр.
На сцената на Македонската опера и балет, дебитира во 2000 година, во улогата на Лучија во операта „Лучија ди Ламермур“, по што настапува како
Адела во „Лилјакот“, Розина во „Севилскиот бербер“, Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, Дона Ана во „Дон Џовани“, Џилда во „Риголето“ и тн. Во 2006 година добива покана да дебитира во Виенската државна опера како Кралицата на ноќта во „Волшебната флејта“, улога која потоа ја толкува и во оперските куќи во Минхен, Берлин и Загреб, како и на фестивалот во Баден Баден со Берлинската филхармонија под диригентство на Сер Сајмон Ратл.
Во 2015 година, токму со оваа улога дебитира и на сцената на Метрополитен операта во Њујорк. Од 2006 до 2011 година, Ана Дурловски е членка на Операта во Мајнц кадешто ги интерпретира улогите на Лучија во „Лучија ди Ламермур“, Софи во „Кавалер со роза“, Музета во „Боеми“ и Манон во „Манон“. Од 2009 година е постојана членка на оперскиот ансамбл при Државната опера во Штутгарт. Нејзината интерпретацијата на главната улога во продукцијата на операта „Месечарка“ во 2012 година добива блескави оцени од критиката и публиката, а настапува и како Моргана во „Алчина“, Фоли во „Платеја“, сестра Констанца во „Дијалози на сестрите Кармелиќанки“, Виолета во „Травијата“, Гиневра во „Ариоданте“, Норина во „Дон Пасквале“ и Елвира во „Пуританци“. Во Кралската опера во Мадрид, настапува како Розина во „Севилскиот бербер“ и Олимпија во „Хофманови приказни“. Настапила и во Државните опери во Минхен и Франкфурт, како и на престижниот фестивал на Вагнер во Бајрот.
Нејзините снимени материјали вклучуваат 5 ДВД остварувања и тоа: „Волшебна флејта“ од Фестивалот на езерото во Бергенц, како и онаа од Баден-Баден под диригентство на маестро Ратл, но и „Пуританци“, „Месечарка“ и „Беренике“ од операта во Штутгарт.
Ана Дурловски е добитничка на бројни награди и признанија, во земјата и во странство. Добитничка е на наградата „Маријана Радев“ за најдобро женско оперско остварување во Хрватска, за улогата на Кралицата на ноќта, како и на оперскиот оскар „Фауст“ за најдобра женска оперска улога остварена на германско говорно подрајче, за улогата на Амина во „Сонамбула“. Покрај тоа, добитничка е и на признанија од списанието „Opernglas“ за улогите на Амина и на Фоли.
Од 2015 година, Ана Дурловски е носителка и на највисокото државно признание титулата „Национален уметник на Р. Македонија“.